mk-MKen-US
Општина
Центар

Архива

Новости

Стотици деца го обоија паркот во Капиштец

  • 5 јули 2018
  • Број на прегледи: 74
  • 0 Коментари

Паркот во Капиштец вчера попладне бликаше од радост, преплавен со деца кои неуморно насликаа голем број цртежи на ликовната работилница што ја организираше локалната самоуправа, како дел од проектот „На одмор сум во Скопје сум, Општина Центар мисли на мене“. Стотина деца и нивните родители два часа се забавуваа и уживаа во можноста да се дружат собрани заедно во толкав број.

Малите рачиња со дрвени и мрсни боички, темпери и фломастери ги сликаа своите фантазии и желби и веднаш ги изложуваа своите дела. Некои деца гордо ги гледаа и се фалеа со цртежите. Имаше цвеќиња, зајдисонца, дрва, куќи, автомобили, пушки, ликови од цртаните филмови, апстракции. Децата неуморно одеа од своите масички до масата каде имаа на располагање хартија, бои и сликарски прибор, земаа што им треба и брзо се враќаа, задлабочени и сериозни во своето творење. Насмевката беше универзална и кај малите и кај возрасните, како и впечатокот дека вакви настани им недостигаат на маалата низ Центар.

- Многу убаво се забавуваме, навистина поминуваме прекрасно и уникатно попладне. Убава е глетката да се видат толку многу деца на едно место, во заедничка игра - вели една мајка.

Ликовната работилница се одржа под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, со цел децата и родителите да се мотивираат што повеќе време да поминуваат надвор во игра, како некогаш, наместо да седат затворени дома пред таблет, телефон, компјутер или телевизор.

Во паркот Капиштец беше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој вели дека ќе продолжи да иницира вакви настани кои ги инспирираат децата на дружење, при што низ игра се остварува и едукативна цел, а од друга страна освен децата, се зближуваат и возрасните.

- Целта ни е да излезат децата надвор и да се вратат оние убави навики кои ние сме ги имале кога сме биле мали, да се вратат детските игри низ населбите. Денеска организиравме цртање, утре ќе биде нешто друго. Но, сакаме и возрасните да излегуваат повеќе надвор, да не седат „заробени“ дома, а воедно да ги „заробуваат“ и децата со модерната технологија. Треба сите да ги вратиме надвор, луѓето меѓусебе да се видат, да се дружат како соседи и да го развиваат маалскиот живот. Всушност, ние како локална самоуправа градиме игралишта и подигаме паркови со една цел, да се развива социјалниот живот во општината - вели Богдановиќ.

На децата вчера им асистираа и им помагаа студенти од Факултетот за ликовни уметности- Скопје.

Следното дружење е закажано за следната среда, на 11 јули, кога на ред е музичка едукативна работилница. Предвидени се вкупно седум настани под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, кои ќе се одржат на три локации.
Печати
Означувања:
Оценете ја оваа вест:
5.0

Ве молиме најавете се или регистрирајте се за да објавувате коментари.