mk-MKen-US
Општина
Центар

Архива

Новости

„ОСТАВИ ГО ТАБЛЕТОТ, СИМНИ СЕ ПРЕД ЗГРАДА“ –МААЛСКИОТ ЖИВОТ И ДЕТСКИТЕ ИГРИ ЛЕТОВО СЕ ВРАЌААТ ВО ЦЕНТАР

  • 4 јули 2018
  • Број на прегледи: 158
  • 0 Коментари

Скопје, 04.07.2018 – Детските игри и маалските дружби во летните месеци, кои во минатото беа препознатлив симбол на скопските населби, денес се вистинска реткост.Живееме во ера на целосна дигитализација и компјутеризација. Нашите деца се буквално „заробени“ пред екраните на телевизорите, компјутерите, таблетите, мобилните телефони. Општина Центар летово ќе ги повика своите најмлади жители да ги остават таблетите и мобилните телефони и да излезат пред зграда. Оваа среда започнува проектот „На одмор сум, во Скопје сум – општина Центар мисли на мене“  кој ќе се одвива под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, чија основна цел е заживување на маалскиот живот и поттикнување на уметничките вештини кај најмладите жители на општината.

Идејата е преку едуkативни и уметнички работилници, низ игра, да се стимулираат најмладите жители на општина Центар на дружење со нивните врсници. Во текот на летните месеци ќе се организираат ликовни, театарски и музички работилници за деца, кои ќе ги водат искусни професионалци кои работат во овие области.Исто така, ќе се обидеме и да го вратиме шармот на маалскиот живот и да ги оживееме подзаборавените детски игри како народна, криенка, џамлии, сервис, ластик.

„Како и секој друг проект, кога се во прашање најмладите, и овој за нас е многу сериозна инвестиција. Целиме кон социјализирана младина, кон младина што ја препознава и почитува уметноста и квалитетниот начин на живот. Се обидуваме да најдеме разни начини на дечињата да им ги доближиме вистинските вредности и да дадеме поддршка на родителите во нивното квалитетно воспитување и социјализација. Овој проект е еден од нив. Децата од мали мора да бидат изложени на убавото, на естетски вредното, на квалитетна музика и култура, за да ја прошируваат својата свест“ – вели Јагода Јанковска, раководител на одделението за образование во општина Центар.

Општина Центар ги повикува сите свои жители, но и жителите на другите општини да присуствуваат на овие настани, кои под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, ќе се организираат секоја среда во паркот во Капиштец со почеток во 18:00 часот.

Проектот започнува со ликовна работилница која ќе биде организирана оваа среда (04.07.2018).

Печати
 
Означувања:
Оценете ја оваа вест:
5.0

Ве молиме најавете се или регистрирајте се за да објавувате коментари.