mk-MKen-US
Општина
Центар

Општината Центар – централно јадро на целата држава



Општина Центар е една од десетте општини  во Скопје, главниот град на Република Македонија и претставува централно јадро на градот  и на целата држава. Најзините жители со љубов ја нарекуваат и срцето на Скопје, бидејќи се наоѓа во најубавиот дел од градот.
Пред новата територијална организација (2005 год.), Општината имаше 85.021 жители, а со пренесување на дел од нејзината територија на Општина Чаир, бројот на населението е речиси двојно намален и изнесува 45.412, жители. Од нив 85,4 % се Македонци,  3,2 се Албанци,1% се Турци и останати. Густината на населението изнесува 5.676 жители на еден километар квадратен.Општина Центар сега се  протега на површина од  десетина квадратни километри и е една од најгусто населените во Република Македонија.Надморска височина е 320 метри.
Во Општина Центар се наоѓаат едни од најстарите  градски маала, како што се: Маџир Маало, Буњаковец, Ново Маало, Дебар Маало, Пајко Маало и други.За жал, од нив само Ново Маало донекаде го задржало поранешниот автентичен изглед, а останатите се претворени во вистински урбани јадра.
 
Општината Центар поради својата место положба  и значење, секојдневно има по илјадници гости и туристи од земјава и од странство.Општината е всушност седиште на најголемиот број установи кои имаат административен, политички, образовен, културен и  трговски карактер, како и станбен дел. Тука се наоѓаат: Собранието на РМ, Владата на РМ, повеќето министерства, Собранието на Град Скопје, дел од Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј", Народната и универзитетаска библиотека ,,Св. Климент Охридски", Градски трговски центар, Градски парк, Македонскиот народен театар, опера и балет, трите градски кина, Универзална сала, музеи и  други знаменитости.

Исто така, централно место завземаат и историските споменици, кои општината ја прават мала ризница на остатоци од многу епохи, уште од римската па се до најново време. Меѓу таквите споменици спаѓаат : старата Скопска тврдина Кале, црквата ,,Свети Спас", Камениот  Мост, а од архитектурните објекти се издвојуваат : Ристиќевата палата, Шкаперда, старата железничка станица и многу други објекти.